ЗНМ со остра реакција до Министерството за здравство: “Не поттикнувајте цензура под маската на етика”
07/07/2025 9:06
По вчерашниот апел на Министерството за здравство до медиумите да не снимаат и фотографираат повредени лица од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, со реакција вечерва се огласи Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), остро осудувајќи го ваквиот пристап на институцијата.
„Го осудуваме обидот на Министерството за здравство да упатува „апели“ кои претставуваат обид за наметнување правила што можат да водат кон цензура“, се вели во реакцијата на ЗНМ. Според здружението, етичките стандарди во новинарството се предмет на саморегулација, а не на упатства од извршната власт.
„Слободата на информирање е загарантирана со Уставот и мора да се заштити. Новинарите имаат одговорност да известуваат етички, но нивната работа ја оценува единствено професионалната заедница“, потенцираат од ЗНМ.
Министерството за здравство вчера соопшти дека апелира медиумите да известуваат со внимателност, професионална етика и солидарност, повикувајќи се на заштита на приватноста на повредените и можноста од дополнителни трауми.
Во соопштението, Министерството дури упати конкретни насоки, вклучувајќи забрана за снимање, фотографирање и земање изјави од повредените, како и од нивните посетители, додека се наоѓаат во болница или на рехабилитација во Пониква.
„Целта е да се зачува достоинството и мирот на заедницата“, наведоа од ресорното министерство.
И додека институциите повикуваат на чувствителност и хуман пристап, новинарските организации предупредуваат на опасноста од мешање во уредувачките политики и слободата на медиумите – прашање кое останува отворено и бара внимателен баланс меѓу јавниот интерес и човечкото достоинство.



