ЗНМ алармира: Пресуда против Лиридона Вејсели опасен сигнал за слободата на изразување
30/01/2026 17:15
Здружение на новинарите на Македонија (ЗНМ) изрази сериозна загриженост поради првостепената пресуда донесена на 12.01.2026 година на штета на новинарката Лиридона Вејсели, оценувајќи дека истата претставува опасен преседан за слободата на изразување во државата.
Според судското образложение, Вејсели е прогласена за виновна за кривично дело „Злоупотреба на лични податоци“ од член 149 став 1 од Кривичниот законик, затоа што на социјалните мрежи Инстаграм и ТикТок објавила видеа во кои го навела името и презимето на судија.
Во пресудата се наведува дека на 28.10.2024 година, без согласност од судијата, таа користела негови лични податоци, со што наводно му нанела штета на честа, угледот и професионалната дејност што ја извршувал како судија во Основен суд Тетово повеќе од 37 години.
Од ЗНМ оценуваат дека ваквото толкување на законот испраќа исклучително негативна порака. Кривичното гонење на новинари поради објавување име и презиме на јавни личности, особено носители на судска функција, претставува сериозен притисок врз новинарството и правото на јавноста да биде информирана.
„Име и презиме на судија е јавен податок и апсурдно е неговото објавување да се третира како повреда на приватноста“, наведуваат од ЗНМ, потенцирајќи дека ваквите судски постапки можат да имаат застрашувачки ефект врз медиумите.
ЗНМ ѝ понуди правна помош на Лиридона Вејсели и информира дека внимателно ќе ја следи жалбената постапка. Според здружението, постои можност повисоките судски инстанци да ја коригираат оваа пресуда, но случајот уште еднаш го отвора прашањето за изолирани судски одлуки кои директно ја загрозуваат медиумската слобода.
Како потсетување, од ЗНМ наведуваат дека и во текот на 2025 година биле регистрирани повеќе случаи во кои судски одлуки имале негативно влијание врз слободата на медиумите. Здружението останува посветено на заштита на новинарите и на нивното право на слободно, независно и безбедно информирање на јавноста.






One thought on “ЗНМ алармира: Пресуда против Лиридона Вејсели опасен сигнал за слободата на изразување”
Comments are closed.