MKinformer

your daily dose of news

ЗНМ и ССНМ предупредуваат: Формулациите во резолуцијата за миграција може да ја загрозат слободата на медиумите

16/12/2025 19:07

 

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразија загриженост за одредени формулации во Резолуцијата за миграцијата, поднесена до Собранието од партиите на владејачката коалиција, кои се однесуваат на јавниот говор и медиумското известување.

Во соопштението за јавност, ЗНМ и ССНМ потенцираат дека не навлегуваат во политичката, безбедносната или стратешката суштина на резолуцијата, ниту во дебатата за мигрантските политики, туку укажуваат на можните последици од нејзините формулации врз слободата на медиумите и правото на информирање.

Како проблематични се посочуваат делови од резолуцијата кои во општа и недоволно прецизна форма ги поврзуваат јавниот говор, дезинформациите и наводното нарушување на јавниот ред и мир со примена на одредби од Кривичниот законик и други закони.

Особено загрижува, според новинарските организации, тоа што се прави директна врска меѓу „дезинформации“, „ширење паника“ и казнени одредби, без јасно разграничување меѓу политичка пропаганда, јавно мислење и професионално новинарско известување.

Ваквите формулации оставаат простор за широко толкување и потенцијална злоупотреба, што може да има обесхрабрувачки ефект врз медиумите и новинарите, наведуваат од ЗНМ и ССНМ.

Тие потсетуваат дека во демократско општество улогата на медиумите е критички да ги преиспитуваат политиките и изјавите на носителите на власт, дури и кога тие се непријатни или контроверзни, и дека таквото известување не смее да се поистоветува со дезинформации доколку е засновано на професионални и етички стандарди.

Доколку постојат сомнежи за неетичко или непрофесионално известување, ЗНМ и ССНМ нагласуваат дека веќе постојат механизми за саморегулација, како Советот за етика во медиумите и Советот на честа, кои се соодветен пат за постапување, наместо општи политички акти со потенцијално ограничувачки ефект.

На крајот, новинарските здруженија апелираат институциите внимателно да ги формулираат актите што се однесуваат на медиумите и јавниот говор, со цел да не се создаде впечаток на притисок, цензура или закана по слободата на изразување, загарантирана со Уставот и Европската конвенција за човекови права.

error: Содржината е заштитена од копирање !!