МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИН ПРИПАДНИК НА ИСИС, ОБВИНЕТ ЗА ТЕРОРИЗАМ ВО ШВАЈЦАРИЈА
08/07/2025 22:23
Федералното обвинителство на Швајцарија обвини две лица, едно од Косово и друго со двојно – македонско и швајцарско државјанство – за поврзаност со тероризам, објави албанскиот портал „Албинфо“ од Швајцарија.
Според обвинението, 36-годишниот косовски државјанин бил идентификуван како водач на швајцарскиот огранок на косовска салафистичко-џихадистичка организација со терористички цели. Оваа група имала намера да регрутира следбеници, да го дестабилизира Косово и со вооружена сила да воспостави исламска држава под шеријатска власт, со поддршка од Исламската држава (ИСИС).
Во периодот 2014–2015 година, неколку албанскојазични мажи, меѓу кои и обвинетите, формирале терористичка ќелија базирана на идеологијата на ИСИС. Првообвинетиот, Емир, бил одговорен за организирање и регрутирање нови членови, особено во Женева, а второобвинетиот му помагал и го поддржувал во овие активности. Тој, исто така, бил дел од раководството на терористичката организација во Косово и имал улога во координацијата помеѓу централното раководство и огранокот во Женева.
Обвинителството наведува дека тие собирале финансиски средства од членови во Женева и ги испраќале во Косово за финансирање на активностите на организацијата. Дел од парите биле користени и за поткуп на странски службеници, со цел да се избегне гонење на одредени членови.
Второобвинетиот македонски државјанин бил активен член на огранокот, присуствувал на состаноци, својот дом го ставал на располагање за средби и организирал посети на странски проповедници поврзани со ИСИС. Тој, исто така, самостојно ширел терористичка пропаганда, вклучувајќи и дистрибуција на песни што ги слават ИСИС и Фронтот Ал-Нусра.
Обвинението го истакнува и влијанието на Западниот Балкан – особено Косово – како клучна точка за поврзување на џихадистички структури во Европа и пошироко.

![Пoднeceн oбвинитeлeн aкт пpoтив ocyм лицa, пpипaдници нa ИCИC policija-mk-777x437-225346[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/policija-mk-777x437-2253461.jpg)



