MKinformer

your daily dose of news

ПОЛИЦИЈАТА УПАДНА ВО ЧАИР, САРАЈ, АЕРОДРОМ И КИСЕЛА ВОДА: Се бараат докази за дивоградби и злоупотреби

16/07/2025 13:30

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, информираше дека во текот на вчерашниот ден, повеќе оддели на МВР – организиран криминал, криминалистичка полиција и СВР Скопје – извршиле активности во неколку општини на територијата на Град Скопје. Акциите се спроведуваат по конкретни наредби од Јавното обвинителство и се однесуваат на истраги поврзани со бесправна градба.

Според Тошковски, припадници на МВР влегле во општините Чаир, Сарај, Аеродром и Кисела Вода со цел прибирање на докази поврзани со дивоградби.

„Во моментов не можам да споделам детали за обезбедената документација, но сакам да потенцирам дека овие активности не се реакција на моментален интерес на јавноста – тие се дел од континуираната работа на МВР“, истакна министерот по потпишувањето на меморандум за соработка со Црвениот крст.

Тој додаде дека институциите се должни да постапуваат согласно законот, и дека ако се утврди дека објектите се бесправно изградени и претставуваат ризик по безбедноста, ќе бидат предмет на отстранување.

На прашање дали МВР постапува по пријави поднесени од градоначалничката Данела Арсовска, Тошковски одговори дека Министерството постапува по сите случаи за кои добива наредба од Јавното обвинителство, но и самостојно иницира дејствија доколку располага со релевантни информации.

„Ова не го велам поради актуелната тема во јавноста, туку затоа што станува збор за постојани активности што се одвиваат секојдневно. За разлика од претходно, денес предметите не се затвораат во фиоки, туку по нив се постапува активно и без прекин“, додаде Тошковски.

Тој нагласи дека градоначалничката Арсовска уредно ги доставува сите прибрани докази до Јавното обвинителство за организиран криминал, кое потоа издава наредби до МВР за понатамошно постапување. „Секој треба да си ја извршува својата работа во рамки на своите надлежности – тоа е основата на функционално и правно уредено општество“, подвлече Тошковски.

Министерот потенцираше дека МВР си ја извршува својата улога согласно законските овластувања, но не е надлежно за поднесување обвиненија, издавање градежни дозволи или спроведување комунален надзор.

error: Содржината е заштитена од копирање !!