Во Охрид Државата ќе руши дивоградби?
20/07/2025 17:55
Општина Охрид ја поддржува иницијативата Владата да се вклучи во процесот на отстранување дивоградби на нејзина територија, бидејќи, како што велат од локалната самоуправа, самата Општина нема финансиски ниту технички капацитети да го спроведе тоа. Иако биле објавувани неколку тендери, досега не се пријавила ниту една компанија, што го закочило целиот процес.
Последното организирано рушење се случи пред околу четири години, кога беа отстранети платформи поставени од угостителски објекти покрај езерото, по препорака од УНЕСКО. Но, препораките од оваа организација се многу пошироки – тие бараат целосно отстранување на сè што е изградено без соодветна дозвола во заштитениот појас од 50 метри од Охридското Езеро. Дополнително, УНЕСКО бара да се отстранат и клима уредите и сателитските антени од фасадите во Стариот дел на градот – мерки што досега не се спроведени.
Во меѓувреме, според официјалните податоци, во Општина Охрид се поднесени речиси 20 илјади барања за легализација на објекти.
„Вкупно 19.940 барања се поднесени, од кои досега се одобрени 7.528. Во постапка се и 414 објекти кои се наоѓаат во крајбрежниот појас од 50 метри. Меѓу нив има надградби, поткровја и настрешници“, информираат од Општината.
Од друга страна, граѓанските активисти изразуваат сомнеж во политичката волја за навистина да се справи со дивоградбите. Според нив, досегашните најави останале само на ниво на зборови.
Активистката Ирена Велковска предупредува дека избегнувањето на вметнување на Охрид на листата на загрозени светски наследства на последната сесија на УНЕСКО не е успех, туку пролонгирање на проблемот.
Во нацрт-документот на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО е посочено дека и понатаму се нарушуваат вредностите што му ја донесоа заштитата на регионот. Организацијата повторно ги повика надлежните да ги исполнат обврските утврдени во минатогодишниот извештај на Реактивната мониторинг мисија.
Се посочуваат и сериозни пропусти во ангажманот на државните институции, како и на локалните власти, во заштитата на Охрид и езерото како уникатно природно и културно светско наследство.






