Собранието го усвои ребалансот на Буџетот за 2025
22/07/2025 20:37
Собранието денеска го изгласа ребалансот на Буџетот за 2025 година. Министерството за финансии соопшти дека со оваа мерка се обезбедува флексибилно управување со јавните финансии и пренасочување на средства кон приоритетни сектори како здравството, образованието, енергетиката и животната средина. Дополнително, ребалансот предвидува и средства за медицинска опрема и инсулин.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска го нарече ребалансот резултат на анализа и реално прилагодување на буџетските приоритети според економските текови. Таа им се заблагодари на пратениците за, како што рече, конструктивната расправа.
Но, опозицијата жестоко реагираше. Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, го обвини владејачкото мнозинство за игнорирање на социјалната реалност и користење на буџетот за интереси на „политичко-економската елита“. Тој предупреди дека со вакви политики државата се движи кон хуманитарна и социјална катастрофа.
Од СДСМ, пратеникот Фатмир Битиќи оцени дека овој ребаланс е „предизборен поткуп“, со зголемено задолжување и непродуктивна потрошувачка. Тој посочи дека се зголемуваат трошоците за автомобили, додека капиталните инвестиции стагнираат, а економската поддршка за малите претпријатија се намалува. Битиќи предупреди и дека најголемиот дел од пензионерите ќе добијат помалку отколку со постојниот модел, а трошоците за живот драстично растат.
Според опозицијата, ребалансот не носи вистинска стабилност ниту развој, туку претставува селективна потрошувачка со краткорочни политички цели.






