Муцунски во Атина: Зајакнување на соработката и стабилноста во фокусот на средбата со Герапетритис
23/07/2025 9:17
Економската и енергетската соработка, инфраструктурното поврзување, европската перспектива на Западен Балкан и актуелните геополитички состојби се клучните теми на денешната средба во Атина меѓу министрите за надворешни работи на Грција и Северна Македонија – Јоргос Герапетритис и Тимчо Муцунски, јави дописничката на МИА од Атина.
Муцунски престојува во прва работна посета на Грција, а средбата со неговиот грчки колега е закажана за напладне. Двајцата министри ќе дадат изјави за медиумите во 14 часот по локално време.
Од македонското МНР информираат дека разговорите ќе се фокусираат на конкретни чекори за унапредување на билатералната соработка, особено во економијата, енергетиката и инфраструктурата. Истовремено, ќе се разговара и за напредокот на европската интеграција на регионот и заедничките напори за зајакнување на стабилноста и безбедноста – со оглед на тоа што двете земји се соседи и НАТО-сојузници.
Според информации од грчки дипломатски извори, средбата се смета за многу значајна. Истите извори нагласуваат дека Герапетритис и Муцунски имаат одлични и практични односи, со постојана комуникација, особено во насока на спречување на можни тензии по македонските избори.
Атина, како што велат, ја смета Северна Македонија за важен и непосреден партнер, и силно ја поддржува – што се покажало и во практични ситуации како пожарите и трагедијата во Кочани. Поддршката, најавуваат, ќе продолжи и понатаму.
Да потсетиме, двајцата министри се сретнаа и во април годинава, на маргините на Економскиот форум во Делфи.






