Трите најголеми банки прифатија да ги намалат банкарските провизии – очекувања дека ќе ги следат и останатите
28/07/2025 10:57
Трите најголеми банки во земјава наскоро ќе објават нови тарифници со пониски надоместоци за платни услуги, најави гувернерот на Народната банка, Трајко Славески. Овој потег следи по дијалогот што централната банка го водеше со банкарскиот сектор за да се унапреди пристапот на граѓаните до поефикасни и подостапни финансиски услуги.
„Нашата интервенција во системот МИПС ослободи значителен износ на средства кај банките и го намали нивниот оперативен трошок. Со тоа се создаде простор дел од тие заштеди да бидат пренесени кон клиентите преку пониски надоместоци – нешто што веќе го гледаме како резултат,“ изјави гувернерот Славески во интервју за „Трилинг“.
Нови политики за општествена одговорност
Славески истакна дека Народната банка, иако има регулаторна улога, активно води постојан дијалог со банките и делува и како партнер, со цел да се подобрат услугите и да се зголеми задоволството кај корисниците.
„Разговараме со банките да одиме чекор подалеку – кон разумна и општествено одговорна политика на тарифи. Тоа е во интерес и на клиентите и на банките, кои со вакви потези го зајакнуваат сопствениот углед и довербата кај јавноста,“ нагласи гувернерот.
Според најавите, останатите банки во земјата се очекува да го следат примерот на најголемите три, со што ќе се овозможи поширока достапност на квалитетни и ефикасни банкарски услуги за граѓаните и компаниите.
Регулативи за подобри финансиски услуги
Од Народната банка порачаа дека и во иднина ќе продолжат да работат на создавање на регулативна рамка која ќе ги поттикнува банките да нудат поевтини и подобри услуги, придонесувајќи за повисоко ниво на финансиска инклузија и задоволство кај клиентите.





