MKinformer

your daily dose of news

ДИК донесе клучни одлуки во пресрет на локалните избори 2025

07/08/2025 19:43

На денешната седница, Државната изборна комисија (ДИК) донесе повеќе важни одлуки во рамките на подготовките за претстојните локални избори.

Комисијата усвои упатство и методологија за именување претседатели, членови и заменици во избирачките одбори, со оглед дека заврши четиригодишниот мандат на досегашните состави избрани пред изборите во 2021 година. Новите членови ќе бидат избрани по случаен избор од страна на Министерството за јавна администрација (МЈА), според законските правила и критериуми за родова и етничка застапеност.

– Изборот на новите избирачки одбори треба да се заврши до крајот на август, по што во септември ќе следи нивна обука и ќе им бидат доставени прирачници за работа – изјави претседателот на ДИК, Борис Кондарко.

Како дел од редовната правна усогласеност, едногласно беше прифатена и одлуката за измена на описот на избирачките места каде бројот на гласачи надминува 1.000 – што е спротивно на законската одредба. Промените ќе се спроведат во општините Гостивар, Кисела Вода, Чаир, Струмица, Куманово и Тетово, без зголемување на бројот на избирачки места, туку со нова распределба на гласачите.

Дополнително, ДИК донесе и следниве одлуки:

  • Предлог-одлука за неможност за извршување работни обврски по два или повеќе основи во рамките на еден ист изборен процес;

  • Одлука за изгледот на идентификациските беџови;

  • Измени и дополнувања на Годишниот план за јавни набавки за 2025 година, со што ќе се набави нов сервер и систем за складирање на податоци за потребите на ИТ-секторот на ДИК.

Комисијата ја усвои и Предлог-одлуката за дополнување на Упатството за работа на Oпштинските изборни комисии (ОИК), вклучувајќи ја и ОИК на Град Скопје. Со новата измена, се забранува секретарот на ОИК или ОИК-Скопје да биде лице во блиска роднинска или брачна врска со претседателот на истата комисија, во согласност со Законот за спречување на корупција и судир на интереси.

Конечно, беше прифатен и Предлог-правилникот со кој се забранува истовремено ангажирање на лица во повеќе изборни тела. Забраната се однесува на членови на изборни органи, избирачки одбори, општински изборни комисии, сертифицирани обучувачи и ангажирани лица во службата на ДИК.

Претседателот Кондарко најави дека на денот на распишување на изборите, ДИК ќе одржи јавна седница на која ќе биде објавен роковникот за сите изборни активности.

error: Содржината е заштитена од копирање !!