MKinformer

your daily dose of news

ДИК дистрибуира над 4,6 милиони гласачки ливчиња за локалните избори

16/10/2025 12:32

Државната изборна комисија (ДИК) денеска започна со дистрибуција на гласачкиот материјал за претстојните локални избори што ќе се одржат во недела, на 19 октомври. Од битолската печатница „Киро Дандаро“ кон општинските изборни комисии низ целата држава се испорачуваат вкупно 4.613.438 гласачки ливчиња, а најдолгото меѓу нив достигнува должина од половина метар (500 милиметри).

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, изјави дека во дистрибуцијата се ангажирани седумнаесет тимови на Комисијата, кои во координација со Министерството за внатрешни работи обезбедуваат непречено и безбедно транспортирање на доверливиот изборен материјал.

– Согласно планот и законските рокови, денеска се врши примопредавање на целиот изборен материјал до сите 80 Општински изборни комисии и комисијата на Град Скопје. Материјалот ги опфаќа гласачките ливчиња, избирачките списоци, оригиналните записници и сите други потребни документи за спроведување на изборите, истакна Кондарко.

Во единствениот избирачки список се запишани 1.832.415 гласачи, кои во недела ќе гласаат на 3.474 избирачки места низ земјата. Шест избирачки места нема да бидат активирани, бидејќи таму нема регистрирани гласачи.

Генералниот директор на печатницата „Киро Дандаро“, Вангел Талевски, информира дека целиот доверлив материјал бил подготвен два дена пред рокот, со високо ниво на безбедност и квалитет.

– Гласачките ливчиња се со двојна заштита, видлива и невидлива, и подготвени се за успешно спроведување на изборите. Најдолгото ливче е 500 милиметри, поради големиот број листи оваа година, посочи Талевски.

error: Содржината е заштитена од копирање !!