Заради масовно сечење на шумата, Жителите на село Љубојно, излегоа на протест,
12/08/2025 14:45
Селото Љубојно утринава стана симбол на очајниот отпор против безмилосната сеча на шумата што се издига над него. Жителите, револтирани и гневни, излегоа на протест, предупредувајќи дека оваа дрвосечачка офанзива ќе го загрози не само нивниот мир, туку и изворот на питка вода од кој зависи целото село.
Концесионерот на ЈП Национални шуми, свесен за револтот, денеска ги повлече камионите и работниците, но мештаните не веруваат дека тоа значи крај на заканата. Напротив — најавуваат блокади и физички ќе го спречат секој обид за продолжување на сечата.
„Кога ќе ја нема шумата, дождовите ќе ја измијат планината и водата ќе се слева право во нашите домови. Ќе ни ги удави куќите, ќе ни уништи животот“, вели еден од мештаните. Тој потсетува дека патот по кој секојдневно гмечат тешки камиони не е јавен, туку е изграден од селаните со сопствени пари и труд — а сега им го уништуваат.
Под местото на сечата се наоѓа резервоарот со вода за пиење — уште една бомба со одложено дејство. Ако ерозијата или загадувањето го погодат, Љубојно ќе остане и без својата најважна жила куцавица.
И додека мештаните гледаат како планината им се голи, од „Преспа Дрво“ и Национални шуми уверуваат дека сè е законски, со планови, дозволи и стручни проценки. Но за Љубојничани тоа е само бирократско алиби за уништување на природата. „Нема закон што ќе ја врати шумата кога еднаш ќе ја нема“, велат тие.






