MKinformer

your daily dose of news

Почнува јавниот увид во Избирачкиот список за локалните избори

20/08/2025 7:42

Во сабота, на 23 август, започнува јавниот увид во Избирачкиот список за претстојните локални избори закажани за 19 октомври. Увидот ќе трае 20 дена, односно до 11 септември на полноќ.

Граѓаните во овој период можат да поднесат барања за запишување, дополнување или бришење на податоци од Избирачкиот список. Барањата се доставуваат писмено до подрачните одделенија или месните канцеларии на Државната изборна комисија (ДИК), како и електронски преку е-пошта, придружени со соодветни докази.

Посебен увид ќе им биде овозможен и на лицата кои се наоѓаат во притвор или во затвор, при што барањата ќе ги поднесуваат преку надлежните органи за извршување на санкции.

ДИК е должна да одлучи по секое барање во рок од 24 часа. Доколку барањето биде одбиено, граѓанинот има право во истиот рок да поднесе тужба до Управниот суд по електронски пат. Судот, пак, решава во рок од 24 часа и донесената одлука веднаш ја доставува до тужителот.

По завршувањето на увидот, политичките партии до 11 септември можат да поднесат барање за добивање на избирачкиот список. ДИК во рок од три дена, односно најдоцна до 14 септември, им го доставува списокот на партиите кои поднеле барање. Тие имаат рок до 19 септември да поднесат евентуални забелешки за дополнување или промени.

Министерството за внатрешни работи е обврзано на 12 септември да достави податоци за сите лица кои побарале нова лична карта или пасош од денот на распишување на изборите, како и за граѓаните кои ќе наполнат 18 години до денот на гласањето. Дополнителни податоци до ДИК доставуваат и органите за извршување на санкции, Министерството за социјална политика и основните судови, најдоцна до 18 септември.

Избирачкиот список со сите промени ќе биде заклучен најдоцна на 26 септември, а конечната верзија што ќе се користи на изборите ќе биде потпишана од ДИК до 3 октомври.

error: Содржината е заштитена од копирање !!