Денеска на полноќ се затвора избирачкиот список, проверивте ли дали ве има?
11/09/2025 8:48
На полноќ завршува јавниот увид во Избирачкиот список за претстојните Локални избори 2025. Граѓаните имаа можност да ги проверат своите податоци во подрачните канцеларии на Државната изборна комисија (ДИК), на веб-страницата sec.mk, како и преку електронска пошта. Секој заинтересиран можеше да поднесе барање за запишување, дополнување или бришење на податоците, со приложување на потребните документи.
Според податоците на ДИК, до 9 септември увид направиле 5.729 лица, од кои 3.397 мажи и 2.332 жени. Осум лица побарале впишување, 136 бришење – најчесто поради смрт или отпуст од државјанство, а 59 поднеле барање за промена на податоци поради ново презиме или адреса. ДИК е должна да одлучи по секое барање во рок од 24 часа, а незадоволните граѓани имаат право на жалба пред Управниот суд, кој решава во рок од еден ден.
Според изборниот календар, политичките партии до 11 септември треба да поднесат барање за избирачкиот список, кој ДИК ќе го достави најдоцна до 14 септември. Потоа, партиите имаат рок од пет дена за дополнителни забелешки. Избирачкиот список со сите промени ќе биде заклучен најдоцна до 26 септември, а финалната верзија ќе биде потпишана до 3 октомври.
Министерството за внатрешни работи, Министерството за социјална политика и основните судови во законски рокови доставуваат податоци за лицата со нови лични карти, малолетници кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите, лицата во установи за згрижување, како и оние со одземена деловна способност или во притвор.
Локалните избори ќе се одржат на 19 октомври 2025 година во сите 80 општини и Град Скопје, на вкупно 3.480 избирачки места. Изборната кампања ќе започне на 29 септември и ќе трае до денот на гласањето.





