MKinformer

your daily dose of news

ШТО СЕ СЛУЧУВА ВО ТИКВЕШ? Свето Јаневски докупи скоро 4% акции за 1.83 милиони евра

21/08/2025 9:51

На јавната берзанска аукција успешно беше реализирана продажбата на пакет од 10.646 акции на винарската визба „Тиквеш“, што претставува 3,94% од вкупниот акционерски капитал.

Аукцијата се одржа по моделот „сѐ или ништо“ со почетна цена од 10.596 денари за акција. Вредноста на целиот пакет изнесува 112.805.020 денари, односно околу 1,83 милиони евра, покажуваат податоците од дневната берзанска листа.

Купувачот официјално ќе биде познат во понеделник, кога ќе се внесе промената во Централниот регистар. Според неофицијални информации, акциите најверојатно ги купиле главните сопственици Светозар и Јане Јаневски, управители на компанијата М-6, која веќе поседува 80,08% од „Тиквеш“ според состојбата од крајот на 2024 година. Сè уште не е познато дали зделката е направена преку М-6 или преку друга фирма.

Продавач на акциите беше Сава пензиско друштво АД Скопје, во име на ОЗПФ Сава пензиски фонд и ОДПФ Сава пензија плус, кои се дел од малите акционери. Тие поседуваат 53.861 акција или 19,92% од капиталот. Вкупниот акционерски капитал на „Тиквеш“ се состои од 270.450 обични акции со номинална вредност од 51,13 евра.

Винарницата од Кавадарци, чија продукција е присутна и на домашниот и на странските пазари, во 2024 година оствари приходи од 60,6 милиони евра и профит од 4,5 милиони евра. Во првата половина на тековната година приходите изнесуваат 27,3 милиони евра, а добивката 2,2 милиони евра.

error: Содржината е заштитена од копирање !!