Невнимание зад воланот – четири тешки сообраќајки за само едно деноноќие
25/08/2025 14:36
Последните 24 часа во земјава поминаа во знакот на сообраќајниот хаос – четири одвоени несреќи со шест повредени лица, од кои четири потешко. Ваквите бројки повторно ја отвораат загрижувачката слика за ниската сообраќајна култура и недоволното внимание на учесниците во сообраќајот.
Во Скопје, на локалниот пат Горно – Долно Лисиче, 28-годишен возач на „алфа“ се судрил со „фолксваген голф“ управуван од 41-годишник. Тој е со тешки повреди и итно пренесен во болница.
На друго скопско крстосување, на улиците „Леринска“ и „Козле“, 21-годишна девојка со „тојота јарис“ удрила во мотоцикл, при што возачот на моторот заврши со сериозни повреди.
Слично сценарио се случило и на патот Боговиње – Селце Кеч, каде млад возач од 19 години со „пасат“ предизвика судар со „опел“. Најтешко помина 49-годишна жена, а повредени се и возачот и уште една сопатничка.
Во Дебар, пак, мотоциклист изгубил контрола и паднал на коловозот, завршувајќи во болница со тешки повреди.
Иако полицијата изврши увид на сите места, пораката што ја испраќаат овие несреќи е повеќе од јасна: невниманието, брзината и потценувањето на сообраќајните правила продолжуваат да носат тешки последици. Фактот дека четири лица за само едно деноноќие се борат со сериозни повреди треба да биде аларм за сите – возачите, патниците, институциите и јавноста.
Сообраќајот не е простор за неодговорност. Секоја грешка може да чини туѓ или сопствен живот. Време е одговорноста зад воланот да стане правило, а не исклучок.



![Изгоре автомобил на бизнисмен во Македонија - Ветрот запалил уште две коли pozarnikari-obuka[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/pozarnikari-obuka1.jpg)


