MKinformer

your daily dose of news

Странски експерти ќе проверуваат непотребни операции во приватните болници во Македонија

25/08/2025 10:01

Министерството за здравство најави ангажирање на експерти од Словенија, Италија и една земја меѓу Австрија или Германија кои ќе утврдуваат дали во приватните болници во Македонија се вршеле непотребни медицински интервенции.

Како што изјави министерот за здравство Ази Алиу, листата на експерти треба да биде комплетирана денеска, а со нив ќе се потпише договор за проверка на работата на приватните здравствени институции.

„Одлуката за ангажирање странски експерти е донесена со цел поголема објективност и добивање на вистинска слика,“ нагласи Алиу.

Министерството ќе бара од приватните клиники задолжително отворање на нивните бази на податоци за да може да се следи здравствената патека на секој граѓанин. „Ова е право на државата, бидејќи секој граѓанин директно или индиректно придонесува во здравствениот систем,“ додаде Алиу.

Директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски, упати апел до сите можни оштетени пациенти, особено во областа на кардиохирургијата, да поднесат жалби.

Овие мерки следат по изјавата на кардиохирургот Сашко Кедев, кој откри дека во некои приватни болници се изведуваат непотребни интервенции – вклучувајќи стентирања и операции – со цел профит.

Министерството за здравство најави дека, покрај странските експерти, ќе продолжат и контролите во јавните здравствени установи кои се занимаваат со слични интервенции.

error: Содржината е заштитена од копирање !!