Службени возила со нови таблици – вистинска контрола или козметичка промена?
09/09/2025 9:50
Сите државни институции и јавни правни лица мора најдоцна до 15 септември да ги заменат регистарските таблички на службените возила со нови, специјални таблици во боја. Одлуката, донесена на владината седница на 29 јули, официјално ќе биде претставена денес на прес-конференција на Службата за општи и заеднички работи на Владата.
На настанот се очекува присуство на директорот на СОЗР, Ивица Томовски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, заменик-премиерот за добро владеење Арбен Фетаи, како и директори на други институции.
Владата уверува дека мерката ќе донесе „повеќе транспарентност и отчетност“ во користењето на службените автомобили. Новите таблици, велат, ќе им овозможат на граѓаните лесно да препознаат службено возило и да пријават евентуални злоупотреби преку телефонска линија која наскоро ќе биде отворена.
Паралелно се подготвува и централен регистар на сите службени возила, што треба да гарантира целосен увид во нивната употреба.
Иако официјалната цел е да се спречат злоупотреби за приватни и партиски интереси, јавноста со право се прашува – ќе стави ли оваа мерка крај на долгогодишната пракса на „џабе возење“ со државни коли? Или, пак, новите таблици ќе бидат уште една козметичка реформа, зад која повторно ќе останат недопирливи функционери?






