MKinformer

your daily dose of news

Средночколците од Корчагин имаа прилика да се запознаат со кинеската култура и јазик

18/09/2025 8:24

На 15 септември 2025 година, Институтот Конфуциј при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје организираше инспиративен настан посветен на кинеската култура и јазик во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“. Настанот предизвика голем интерес кај учениците и професорите, кои имаа можност да се запознаат со богатството на кинеските традиции и јазик.

Презентација и мини лекција

Програмата започна со обраќање на проф. Лиао Веи, кинескиот директор на Институтот, кој ја претстави мисијата и активностите на Институтот, како и неговата улога во промовирањето на кинескиот јазик и културна размена во Македонија.

Волонтерите-наставници потоа одржаа интерактивна мини лекција за боите на кинески јазик, која веднаш ја вклучи публиката во активна комуникација.

Музика и креативни работилници

Особено внимание привлече настапот на традиционалниот кинески дувачки инструмент хулуси, со изведба на композицијата Месечина над лотосовото езерце. Учениците со воодушевување го следеа уникатниот звук и имаа можност да го запознаат инструментот одблизу.

Работилниците дополнително ја разубавија програмата: се изработуваа хартиени украси инспирирани од Празникот на средината на есента и се вежбаа основи на кинеска калиграфија, со помош на наставниците-волонтери. Атмосферата беше исполнета со креативност, радост и аплауз.

Културни мостови меѓу Кина и Македонија

Настанот ја продлабочи љубопитноста на учениците за кинеската култура и кај многумина разбуди желба за понатамошно изучување на јазикот. Институтот Конфуциј при УКИМ најави дека ќе продолжи со вакви активности, зајакнувајќи ги пријателските и културни врски меѓу Кина и Македонија.

error: Содржината е заштитена од копирање !!