MKinformer

your daily dose of news

Кампањата влегува во завршна фаза: Уште 10 дена од кампањата за Локалните избори 2025

09/10/2025 9:56

Во тек е единаесеттиот ден од изборната кампања за Локалните избори 2025, кои ќе се одржат на 19 октомври, а политичките партии, коалициите и независните кандидати и денеска продолжуваат со претставување на своите програми и кандидати пред граѓаните низ државата.

Според најавите, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе одржат промотивни настани и средби со граѓаните во Зелениково, Илинден, Центар и Кисела Вода, додека СДСМ ќе спроведе изборни активности во Демир Капија, Росоман, Кавадарци и Неготино.

Партијата Левица ќе ги претстави своите кандидати пред граѓаните во Росоман и Кавадарци, каде што ќе се обратат претседателот на партијата Димитар Апасиев, пратеникот Сашко Јанчев, како и носителите на советничките листи Влатко Трајков и Круме Богевски, заедно со останатите кандидати.

Во Скопје, кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, ќе одржи прес-конференција во 11 часот во Општина Центар, пред комплексот Лимак.

Исто така, Бујар Османи, кандидат за градоначалник на Општина Чаир од Националната алијанса за интеграција (НАИ), ќе се обрати на прес-конференција во 12 часот, на паркингот кај Пластичарска, во близина на ресторанот Бурдем 2.

Кампањата ќе трае до 17 октомври на полноќ, кога почнува изборниот молк, а граѓаните ќе излезат на гласање на 19 октомври. Вториот круг од локалните избори е закажан за 2 ноември.

Ова се осми локални избори од независноста на државата, и четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје.

Граѓаните ќе можат да гласаат на 3.480 избирачки места, каде ќе се избира меѓу 309 кандидати за градоначалници и 576 листи за општински совети, со вкупно 10.490 кандидати.

На изборите учествуваат 22 политички партии, 19 коалиции и 119 независни кандидатури, а најголем интерес има за Градот Скопје, каде се пријавени 16 кандидати за градоначалник.

error: Содржината е заштитена од копирање !!