MKinformer

your daily dose of news

Апасиев кон Мицкоски: Дали државата ја водите како премиер или како менаџер на фамилијарниот бизнис?

14/10/2026 18:26

Апасиев кон Мицкоски упати серија прашања за деловните активности на лица од семејното опкружување на премиерот, прашувајќи го дали државата ја води како премиер или како „менаџер на фамилијарниот бизнис“.

Претседателот на Левица и пратеник Димитар Апасиев, на денешната собраниска седница за пратенички прашања, користеше визуелна презентација со имиња, компании, деловни врски и партиски донации.

Тој побара одговор дали постои судир меѓу приватните економски интереси на лица од семејното опкружување на премиерот Христијан Мицкоски и вршењето на јавната власт.

Во фокусот Јорданчо Јанев

Во центарот на излагањето беше Јорданчо Јанев – Дано, кого Апасиев го посочи како баџанак на Мицкоски.

Според податоците што ги презентираше Апасиев, Јанев е поврзан со најмалку шест компании, од кои четири во Македонија и две во Бугарија.

Меѓу компаниите што ги наведе се „Дано Транс“, „Интерпласт Груп“, „Шалом Фуд Груп“, „Шалом Деливери“ и „Д-Дигитал Конто“.

Апасиев посочи дека дел од компаниите биле основани по промената на власта во 2024 година. Тој зборуваше и за деловни врски со Дончо Карастоев, за кого презентираше дополнителна мрежа од девет компании.

Прашања за свечениот ручек во Струмица

Апасиев го отвори и прашањето за договорот за организирање свечен ручек за 250 гости по повод празникот на Светите петнаесет тивериополски маченици во Струмица.

Според неговите наводи, првиот ваков договор на Општина Струмица по доаѓањето на новиот градоначалник Петар Јанков завршил кај фирма поврзана со Јанев.

Апасиев дополнително посочи дека Јанев бил кум и покровител на прославата. Тој го проблематизираше односот меѓу трошењето јавни средства и приватните деловни интереси.

Во истиот контекст, пратеникот наведе дека Општина Струмица има јавен долг од околу 16 милиони евра.

Донации за ВМРО-ДПМНЕ

Апасиев отвори прашања и за финансиските врски со владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Според податоците што ги презентираше, Јорданчо Јанев од 2019 година донирал околу 20.000 евра на ВМРО-ДПМНЕ.

За Дончо Карастоев, Апасиев наведе дека донирал 5.000 евра за изборите во 2024 година. Танкица Ефтимова, која ја посочи како директорка на „Д-Дигитал Конто“, според него, донирала 2.500 евра.

Компании и деловни врски во Бугарија

Посебен дел од излагањето беше посветен на деловните активности во Бугарија.

Апасиев посочи две компании поврзани со Јанев и Карастоев кои, според неговите тврдења, се регистрирани на иста адреса во Петрич.

Тој побара да се испитаат потеклото и движењето на капиталот во оваа мрежа. Во излагањето спомена и информации за недвижен имот и можни земјоделски концесии.

Апасиев постави прашање дали станува збор за независни приватни бизниси или за мрежа чии интереси се испреплетуваат со политичката моќ.

„Ако фирмата на вашиот баџанак можеше да го добие првиот празничен ручек во Струмица, а неговите фирми во Петрич тивко да си работат преку граница, дали тоа значи дека во вашето поимање на владеењето на правото, единственото нешто што циркулира навистина слободно помеѓу Македонија и Бугарија е профитот за вашите роднини?“, праша Апасиев.

Со прашањата Апасиев кон Мицкоски побара одговор дали деловните активности на лица од премиерското семејно опкружување имаат поврзаност со јавни договори, институции и политичката моќ.

One thought on “Апасиев кон Мицкоски: Дали државата ја водите како премиер или како менаџер на фамилијарниот бизнис?”

Comments are closed.

error: Содржината е заштитена од копирање !!