Почина генерал Небојша Павковиќ, погребот ќе се одржи утре во Белград
21/10/2025 17:20
Поранешниот началник на Генералштабот на Југословенската армија и командант на Третата армија, генерал Небојша Павковиќ, ќе биде погребан утре, 22 октомври, во Алејата на заслужните граѓани во Белград. Комеморацијата ќе започне во 13:00 часот, а погребот е закажан за 13:30 часот, соопшти неговото семејство.
Генералот Павковиќ почина вчера во Белград, на 79-годишна возраст. Тој беше началник на Генералштабот од февруари 2000 до јуни 2002 година, а за време на НАТО агресијата во 1999 година командуваше со Третата армија, која делуваше на територијата на Косово и Метохија.
Во 2009 година, Хашкиот трибунал го осуди на 22 години затвор за злосторства против човештвото и прекршување на законите на војување. Казната ја издржуваше во Финска, а на 28 септември годинава се врати во Србија, по одлука на Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали, кој го ослободи предвреме поради сериозна здравствена состојба.
Павковиќ беше носител на бројни воени признанија, меѓу кои и Орденот на слободата, кој му беше доделен во јуни 1999 година.






