🇪🇺 Европската комисија денеска во Собранието го претставува извештајот за напредок на Македонија
04/11/2025 11:43
Во Собранието на Република Македонија, денеска (4 ноември), ќе се одржи презентација на Извештајот за напредок на земјата на патот кон Европската Унија, кој официјално го подготви Европската комисија.
Извештајот ќе го презентира амбасадорот на Европската Унија, Михалис Рокас, а на настанот се очекува присуство на претставници од Владата, дипломатскиот кор и граѓанскиот сектор.
📊 ЕК: Напредок во реформите и владеењето на правото
Во извештајот се наведува дека Македонија постигнала значителен напредок во спроведувањето на реформите предвидени со Реформската агенда.
Овој напредок е потврден со исплатата на две транши финансиска поддршка во рамки на Планот за раст на Западен Балкан, што претставува признание за резултатите од спроведените реформи.
„Македонските власти продолжија да работат на имплементација на патоказите за владеење на правото, на реформата на јавната администрација и на функционирањето на демократските институции, како и на Акцискиот план за заштита на малцинствата“, стои во документот.
⚖️ Ограничен напредок во судството, потребна посилна борба против корупцијата
Европската комисија забележува дека земјата треба да ги интензивира напорите за заштита на независноста и интегритетот на судството, како и да ја засили борбата против корупцијата.
Во оваа област, според извештајот, е постигнат ограничен напредок, а борбата против корупцијата останува еден од главните приоритети на реформскиот процес.
🗣️ Напредок во медиумите и граѓанското општество
Како позитивен развој на настаните се посочува формирањето на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, што ја зајакнува транспарентноста и дијалогот со невладиниот сектор.
Европската комисија забележува одреден напредок во плурализмот и слободата на медиумите, како и во слободата на изразување, иако и понатаму се препорачува институциите да работат на унапредување на независноста на медиумскиот простор.
📜 Уставни амандмани и усогласеност со ЕУ
Во извештајот се нотира дека уште не се усвоени уставните амандмани за вклучување на делови од заедниците кои не се мнозинство, меѓу кои и бугарската заедница, што е дел од обврските преземени од земјата.
Сепак, Европската комисија констатира дека Северна Македонија е целосно усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, а исто така е и една од земјите што се приклучи на Конвенцијата за заеднички транзит, чија цел е олеснување и забрзување на прекуграничното движење на стоки.
🤝 Добрососедски односи
Во заклучокот, ЕК потсетува дека е потребно целосно и со добра волја спроведување на сите билатерални договори, вклучувајќи ги Преспанскиот договор со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.





