Ѓорѓиевски: Денес од 20:30 часот стартува со акцијата „Чисто Скопје за 72 часа“ – градот добива нов почеток
06/11/2025 20:56Новиот градоначалник најави дека вечерва почнува големата акција за чистење и целосна реорганизација на јавните претпријатија.
„Скопје, го менуваме од корен!“
Новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска го прими уверението од Градската изборна комисија и веднаш најави итна акција за чистење на градот.
„Скопје, го менуваме од корен! Уште од вечерва, во 20:30 часот, започнуваме со првата голема акција – за 72 часа да го исчистиме Скопје, токму како што ветив,“ изјави Ѓорѓиевски, најавувајќи дека ова е само почеток на поширока реорганизација.
Акцијата ќе стартува од паркингот кај спортската арена „Борис Трајковски“, а во неа ќе бидат вклучени јавните претпријатија, волонтери и механизација на Градот.
План за ново Скопје
Според Ѓорѓиевски, утре ќе започне темелна ревизија и реорганизација на јавните претпријатија за да се нормализира работата на системите кои со месеци биле нефункционални.
„Го имате мојот збор дека ќе бидам градоначалник на сите, без поделби. Скопје ќе добие нова енергија, транспарентност и конкретни дела,“ рече тој.
Новиот градоначалник најави и нови инфраструктурни, еколошки и спортски проекти, кои ќе почнат да се реализираат во наредните денови.
Првите потези
За денеска во 15 часот е закажано официјално примопредавање на функцијата со досегашната градоначалничка Данела Арсовска.
Ѓорѓиевски најави дека првиот потег по преземањето на функцијата ќе биде отстранување на рампите пред влезот во Град Скопје, со што институцијата повторно ќе биде отворена за граѓаните и медиумите.
„Овој град не е мој, не е на неколкумина, туку на народот. Градот мора да биде отворен и достапен,“ додаде тој.





