Google воведува нови функции во Maps, разговор со Gemini и навигација со помош на камери
07/11/2025 21:09
Google најави нова генерација на функции во својата апликација Maps, која наскоро ќе биде збогатена со поддршка од вештачката интелигенција, четботот Gemini. Новите можности ќе им овозможат на корисниците да разговараат со системот во природен говор, слично како со вистински соговорник, додека ги користат мапите за навигација.
Со Gemini, возачите ќе можат да добиваат информации за сообраќајот, предупредувања за несреќи и препораки за блиски локации како кафулиња, ресторани и бензински пумпи, без да го тргнат вниманието од патот. На пример, ако корисникот праша дали има италијански ресторан во близина на својата рута, четботот не само што ќе предложи опција, туку ќе може и да даде детали за паркирање или препорачани јадења, па дури и автоматски да ја додаде избраната локација во активната рута.
Gemini ќе биде способен и за следење на состојбата во сообраќајот во реално време, при што ќе ги известува возачите доколку има застои, сообраќајни инциденти или други пречки на патот. Дополнително, корисниците ќе можат преку гласовна команда да извршуваат и други задачи, како додавање на настани во календарот или барање информации.
Една од најинтересните новини е т.н. „водење низ лента“, функција која користи предни камери и вградена Google технологија за да го следи патот и навреме ги информира возачите во која лента треба да се движат. Ова треба да го намали ризикот од ненадејни маневри пред свртување.
Gemini во Google Maps ќе стане достапен во следните недели за Android и iOS корисниците во регионите каде што оваа опција веќе функционира, а потоа и во Android Auto. Корисниците во САД први ќе ги добијат новите функции, а подоцна се очекува тие да бидат проширени и на други пазари.
Како дел од ажурирањето, Google ќе воведе и поприродни упатства, наместо стандардното „свртете десно за 500 метри“, навигацијата ќе користи препознатливи обележја, како „свртете десно по јапонскиот ресторан“, со што ориентирањето ќе стане поинтуитивно и полесно за сите возачи.






