Бранко се врати … или само наврати? Црвенковски на турнеја, од политичка пензија во кафанска политичка револуција
08/11/2025 12:22
По повеќе од 10 години тишина, озлогласениот легендарен „пензиониран стратег“ на македонската политика, Бранко Црвенковски, повторно излезе од својата политичка пештера, и тоа не за на митинг, туку, како што доликува на „вистински државник“ од старата школа, на по некоја чашка виски во кафана со пријатели, министерчиња и градоначалници.
Прво беше виден во Охрид, во пријатно друштво со градоначалникот Кирил Пецаков од ВМРО-ДПМНЕ, еве еден политички „пост-модерен“ момент: човекот што некогаш го предводеше СДСМ сега пијачка со „непријателот“. Само ден подоцна, Црвенковски се појави и во Кичево, пак во кафана, овојпат со луѓе од СДСМ, можеби за рамнотежа, да не се каже дека скршнал сосема лево или десно, а недај Боже, да не помисли некој, дека се инфилтрирал во центар десно.
А кога мислевме дека тоа е крајот на гастро-турнејата, дојде и третото појавување, во скопски ресторан со министерот за јавна администрација, Горан Минчев. Со три јавни настапи за две недели, човек би помислил дека Бранко подготвува нешто повеќе од дегустација на македонскиот идентитет, македонската кујна, де.

Секако, интернетот веднаш зовре: „се враќа“, „го советува ЗНАМ“, „ќе прави нова коалиција“, „ќе го спаси СДСМ“, како да чекавме само сигнал од Бранко за да оживее политичката драма.
А можеби, едноставно, човекот само сака да „јаде“ во мир. Но, во земја каде што и кафе со стар познаник се толкува како геополитички потег, и ваквите „обични“ ручеци добиваат длабоки анализи.
Сепак, не може да се негира дека присуството на Црвенковски, дури и во случајна слика, сè уште ја разбранува јавноста. Тоа е доказ дека и по сите овие години, македонската политика сè уште не може да му „побегне“ на човекот што одамна ѝ кажа збогум.
А можеби, како што би рекол самиот Бранко: „Ништо не е случајно, ама и ништо не мора да значи“.
Пишува
Борислав Стоилковиќ






