Тедрос до Трамп: Повлекувањето на САД од СЗО ќе го загрози светското здравје
10/11/2025 13:23
Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, го повика американскиот претседател Доналд Трамп да ја преиспита одлуката за повлекување на САД од оваа агенција на ОН, предупредувајќи дека таквиот потег може сериозно да го загрози глобалното здравје.
Според него, наглите кратења на американското финансирање, кое во 2023 година изнесувало 640 милиони долари, веќе предизвикуваат последици, вклучително и намалување на бројот на вработени во организацијата. „Повлекувањето од глобалната здравствена соработка по пандемијата нема никаква логика“, изјави Тедрос, нагласувајќи дека „солидарноста не е милостина, туку инвестиција во заедничка безбедност“.
Тој смета дека американската одлука има и позитивна страна, бидејќи ги поттикнува земјите да станат посамостојни во финансирањето на сопствените здравствени системи. Сепак, предупреди дека краткорочно тоа веќе предизвикува загуби на животи и го отежнува спротивставувањето на болестите.
Тедрос потврди дека се обидел да воспостави комуникација со администрацијата на Трамп, но средбите сè уште не се реализирани. Во меѓувреме, СЗО соработува со американскиот министер за здравство Боби Кенеди, особено во хуманитарни мисии како евакуацијата на деца од Газа.
На тврдењата дека организацијата е „преповрзана со Кина“, Тедрос одговори дека тоа е невистина и дека СЗО има независен став базиран на научни докази.





