MKinformer

your daily dose of news

Истражување: Расте евроскептицизмот кај младите во Македонија

10/11/2025 12:58

Иако мнозинството млади во земјава имаат позитивен став кон Европската Унија, речиси половина не веруваат дека Македонија некогаш ќе стане членка на Унијата, покажува новата публикација „Справување со младинскиот евроскептицизам на Западниот Балкан: Случајот на Македонија“.

Истражувањето укажува дека младите ја гледаат ЕУ како позитивен пример, но се чувствуваат оддалечени од процесот на интеграција. Авторите нагласуваат дека младите треба да се третираат како активни партнери, а не само како публика, преку поголема комуникација, економски можности и транспарентен пристап до европските програми.

„Овој јаз помеѓу надежта и реалноста, интересот и недовербата ја формира основата на младинскиот евроскептицизам“, се наведува во документот, со порака дека ЕУ нема да биде целосна без младите од Западниот Балкан.

Онлајн анкетата, спроведена во јуни 2025 година во соработка со платформата Студентарија, опфатила 1.000 испитаници, од кои 81,5% студенти. Анализата е изработена од Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), Европскиот центар за извонредност (ЕЦЕ) од Брисел и Фондацијата „Фридрих Науман“.

Главни наоди:

  • 41% од младите имаат позитивен став кон ЕУ,

  • 24% негативен,

  • 35% се неутрални.

Во однос на членството, 46,5% не веруваат дека земјата некогаш ќе стане дел од Унијата, 35,8% сметаат дека тоа е можно во далечна иднина, а само 6,7% очекуваат членство во следните пет години.

Главна пречка, според 84,6% од испитаниците, е корупцијата, а потоа следуваат билатералните спорови (61%) и ниската доверба во институциите (60%).

Иако повеќе од половина млади се чувствуваат доволно информирани за политиките на ЕУ, само 8% активно учествуваат во политички или граѓански иницијативи, што, според авторите, укажува на широко чувство на немоќ и недоверба во системот.

Најголем интерес кај младите предизвикуваат можностите за работа и живот во ЕУ (76,2%), потоа програмите за образование, како Еразмус+ (55,1%), човековите права (50%), заштитата на животната средина (48%) и дигитализацијата (44,5%).

Интересно е што најголем дел од младите сметаат дека Албанија (53%) има најголеми шанси за членство во следните пет години, потоа Црна Гора (34,5%) и Србија (14,7%), додека само 8,2% веруваат дека Македонија ќе се приклучи во истиот период.

Повик за акција

Според Бојан Кордалов, директор за политика и комуникација во Европскиот центар за извонредност, резултатите се аларм за институциите:
„Ако младите не добијат реални можности и поддршка, тие ќе престанат да ја гледаат иднината на својата земја во ЕУ“, вели тој, повикувајќи на нова, искрена и поблиска комуникација меѓу ЕУ, земјите кандидати и младите генерации.

Публикацијата заклучува дека успехот на европската интеграција зависи од активното вклучување на младите во креирањето на политиките, зајакнување на младинските центри и создавање формални механизми за нивна партиципација.

Документот беше промовиран во Брисел, а до крајот на месецот ќе биде презентиран и во Скопје, пред пратеници, младински организации и претставници на институциите.

error: Содржината е заштитена од копирање !!