НАСИЛСТВО ВРЗ ДЕТЕ ВО СКОПЈЕ: Со нож удрил 12-годишно дете по глава, па му ги исекол гумите на велосипедот
15/11/2025 10:28
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 53-годишен маж, осомничен за тешко кривично дело „Насилство врз дете“ според член 201-а од Кривичниот законик.
Имено, на 11 ноември, додека 12-годишно дете се движело со велосипед по булеварот „Крсте Мисирков“, осомничениот го пресретнал со електричен мотор и без никаква провокација агресивно го нападнал. Според обвинителството, мажот го удирал детето со тупаници и клоци во пределот на лицето и телото.
Во еден момент, осомничениот извадил нож и замавнал кон детето, а потоа со дршката на ножот го удрил по главата. Детето успеало да се одтргне и побарало помош од случајни минувачи.
Нападот продолжил и по заминувањето на детето – осомничениот го зел велосипедот, ги исекол двете гуми и го фрлил кон коловозот со намера да предизвика оштетување на возилата што поминувале. По тоа, со моторот го напуштил местото на настанот.
Пo инцидентот, детето било пренесено во Ургентниот центар.
Јавниот обвинител поднесе предлог до Основниот кривичен суд Скопје за определување мерка притвор, со образложение дека постои опасност осомничениот да избега.



![НАСИЛА ЈА ОДНЕЛ ВО ВИКЕНДИЦА, ЈА ТЕПАЛ СО ШАМАРИ, КЛОЦИ И ТУПАНИЦИ, СЕГА Е ВО БЕГСТВО semejno-nasilstvo[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/semejno-nasilstvo1.jpg)

