Уставниот суд поведе постапка за линеарното зголемување на пензиите
20/11/2025 14:44
Уставниот суд на Република Македонија отвори постапка за оценување на уставноста на член 2 од последните измени на Законот за пензиското и инвалидско осигурување, со кој редовното усогласување на пензиите според порастот на платите и трошоците за живот беше заменето со линеарно зголемување за сите пензионери.
Одлуката е донесена на вчерашната седница, по предлог на судијата-известител Добрила Кацарска. Судот постапува по сопствена иницијатива, оценувајќи дека измената објавена во „Службен весник“ бр.154/25 може да го засегне уставниот принцип на социјална праведност, еднаквоста на граѓаните, правната сигурност и легитимните очекувања.
Според појаснувањето од Судот, оспорениот член предвидува еднаква распределба на средствата за сите пензионери, независно од нивниот стаж, уплатениот придонес или висината на пензијата, со што се доведува во прашање досегашниот модел на усогласување кој обезбедува континуитет и социјална сигурност.
Судот укажува дека пензијата претставува индивидуално, стекнато имотно право гарантирано со член 30 од Уставот, па затоа е важно да се утврди дали новото законско решение ги ограничува правата на пензионерите со повисоки пензии и поголем работен стаж. Дополнително, се отвора и дилемата дали со линеарниот пристап се создава нееднаквост и можност за дискриминација меѓу категориите пензионери.
Во анализата Судот се повикува и на практиката на Европскиот суд за човекови права, кој укажува дека третман е дискриминаторски доколку нема објективно и разумно оправдување или не е пропорционален на целта што се сака да се постигне.
Со поведувањето на постапката, Уставниот суд ќе утврдува дали законското решение е оправдано, балансирано и усогласено со уставните принципи.
Во истиот предмет, Судот ја отфрли иницијативата поднесена од Тито Беличанец, Јадранка Мршиќ и Сузана Московска, затоа што оспорените одредби од претходните измени (членови 3 и 18) биле од привремен карактер и веќе не се во правна примена.






