ПИОМ уверува: Пензиите сигурни и на 1 декември и во текот на 2026 година
30/11/2025 13:41
Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) ги смирува пензионерите со уверување дека ноемвриските пензии ќе се исплаќаат редовно од 1 декември и дека исплатата не е загрозена, и покрај актуелните правни и политички дебати околу моделот на зголемување на пензиите. За овој месец се обезбедени 9,3 милијарди денари, средства што се дел од редовниот циклус во координација со Владата.
Фондот нагласува дека практиката пензиите да се исплаќаат на првиот ден од месецот ќе продолжи и во текот на целата 2026 година, уверувајќи дека системот е стабилен и дека пензионерите нема причина за грижа.
Во Буџетот за 2026 година се предвидени 151 милијарда денари за пензиски исплати, здравствено осигурување на пензионерите и покривање на транзициските трошоци кон вториот пензиски столб. Тоа е околу 30 милијарди денари повеќе од претходниот период – дополнителни 500 милиони евра, предвидени за континуирано покачување и заштита од поскапувањата.
Според податоците на Фондот, од 1 октомври 2024 до 1 октомври 2025 година пензиите номинално пораснале за 6.000 денари, или околу 29 проценти во споредба со август 2024 година. Станува збор за најголемото покачување во последните три децении, кое значително го надминува темпото на инфлацијата, 3,5 % во 2024 година и проектирани 3,9% за 2025 година. Од институцијата велат дека со овие мерки реално се подобрува стандардот на пензионерите.
Соопштението, сепак, доаѓа во чувствителен момент, Уставниот суд ја отвори постапката за оценување на уставноста на член 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кој го воведе линеарното покачување. Судот ќе оценува дали моделот е правичен и дали ги става во неповолна положба пензионерите со повисоки придонеси.
Во таков контекст, пораката на Фондот има цел да ја намали загриженоста и да испрати сигнал дека правните постапки нема да ја нарушат редовната исплата на пензиите.




