ДОМАШЕН ПРИТВОР ЗА ДВАЈЦА ДАНОЧНИ ИНСПЕКТОРИ ВО НОВАТА ИСТРАГА ЗА ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“
21/11/2025 20:48
Судија на претходна постапка при Основниот суд во Кочани им одреди куќен притвор на двајца даночни инспектори од Управата за јавни приходи – Штип, кои се осомничени во случајот поврзан со дискотеката „Пулс“, пренесува ТВ21. За уште шест лица се изречени мерки на претпазливост, додека едно лице добило дополнителни ограничувања.
Според Обвинителството, инспекторите ја злоупотребиле службената положба така што однапред откривале информации за ненајавени инспекции, со што им овозможиле на контролирани објекти да избегнат фискални проверки. Тие се сомничат за примање мито, додека одговорното лице на „Пулс“ се товари за поткуп.
Вкупно седум даночни инспектори од Штип и Струмица се под истрага поради сомнеж дека им помогнале на клубот „Пулс“ и на „ММММ Кафе“ да избегнат инспекциски надзор. Сопственикот на „Пулс“, кој веќе се наоѓа во притвор, е осомничен и за фалсификување документи. Дополнително, инспектор од Пазарниот инспекторат се сомничи за неовластено откривање службени тајни.
Од Основното јавно обвинителство во Кочани соопштуваат дека ја прифатиле судската одлука, но најавуваат жалба на мерката куќен притвор за двајцата даночни инспектори.






