Аца Лукас по инцидентот во Кавадарци: Ја сакам Македонија, но додека овие луѓе се на власт нема да настапувам, не сум безбеден“
23/11/2025 14:39
Српската музичка ѕвезда Аца Лукас се oгласи на својот Фејсбук-профил по инцидентот што се случи за време на неговиот настап во Кавадарци, наведувајќи дека бил спречен да го заврши концертот и дека целата ситуација била „лично испровоцирана“ и поврзана со лица од неговата околина, со „врвот на македонската власт“.
Во објавата, Лукас тврди дека владини претставници барале тој да биде задржан, а дека утрото по инцидентот судијата се „извинил во име на македонскиот народ“. Тој нагласи дека нема ништо против Македонија, но дека се чувствува небезбедно и дека ќе размисли дали повторно ќе настапува во државата „додека овие луѓе се на тие позиции“.
Пејачот опиша дека полицијата го прекинала концертот половина час пред крајот, дека сам се упатил до полициска станица со своето возило, и дека таму му било кажано дека настапот не бил пријавен, иако според него, тој навреме ги доставил сите потребни документи, вклучително и копијата од пасошот.
Лукас наведува дека целата ноќ ја поминал во полициска станица, дека не му било дозволено да се врати во хотел и дека следното утро чекал судија за прекршоци. Сепак, ја истакна коректноста на полицајците, кои како што вели, му се извиниле во име на македонскиот народ.
„Соработував со институциите и постапив коректно во секој момент“, нагласува тој, додавајќи дека овој случај нема да остане неразјаснет и дека ќе биде обелоденето сè штом тимот ќе биде сигурен во информациите.





