Продолжува судењето за „Пулс“
25/11/2025 10:05
Во судницата на Казнено-поправниот дом Идризово денеска продолжи судењето за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. На рочиштето одбраната ги започна воведните излагања, откако обвинителството на минатото рочиште ги претстави своите аргументи.
Обвинителот Борче Јанев во воведниот говор нагласи дека целта на постапката е да се утврди конкретната одговорност за трагедијата, „кој дозволил, кој молчел и кој не реагирал“ за да ја спречи несреќата. Тој повтори дека процесот не е насочен кон одмазда, туку кон расчистување долгогодишни незаконитости.
Јанев истакна дека пожарот не произлегол само од употребата на пиротехника на настапот, туку и од длабоки институционални пропусти кои ја претвориле дискотеката во „смртоносна стапица“. Според обвинението, „Пулс“ со години работел спротивно на безбедносните стандарди, без противпожарен систем, со запаливи материјали, недоволни излези и континуирано надминување на дозволениот број посетители. Опасноста, како што е наведено, била очигледна, но службените лица не реагирале.
На денешното рочиште Основниот кривичен суд Скопје одлучи да го спои предметот со постапката што се води против сопственикот на дискотеката. На обвинителна клупа се 37 обвинети, 34 физички и три правни лица, меѓу кои сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, членови на обезбедување и државни службеници.
Паралелно со главната постапка, во тек е и истрага против повеќе полициски службеници осомничени за давање лажни уверенија и дозволување „Пулс“ да работи без основни безбедносни услови. Обвинителството води и постапка против вработени во УЈП осомничени за мито и други злоупотреби поврзани со случајот.
Според Министерството за здравство, состојбата на повредените кои ја преживеаја трагедијата е стабилна. Од 20-те најтешко повредени, десет остануваат во потешка, но контролирана состојба.
Судијката Диана Груевска Илиевска порача дека ќе бара дисциплина и почитување на роковите од сите страни и дека секое неоправдано одложување ќе биде санкционирано.



