Сојузот на стопански комори ќе ја плати казната од Антикор: „Последица од работењето на поранешното раководство“
27/11/2025 12:55
Комисијата за заштита на конкуренцијата изрече парична казна за Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) поради дејствија што се случувале во февруари 2025 година, при што организацијата, како што беше соопштено, била вовлечена од поранешното раководство спротивно на статутот и утврдените структури на Сојузот.
Актуелниот претседател на ССКМ, Ѓорѓиевски, изјави дека казната е директен резултат од неправилностите на претходниот менаџмент, кој, според него, го нарушил угледот на организацијата.
„Ова се плодовите на работењето од претходното раководство во Сојузот на стопански комори на Македонија, што се потврдува и со паричната казна од Комисијата за заштита на конкуренцијата. Тоа беше и една од причините поради кои претходното раководство беше едногласно разрешено на вонредното собрание во јули 2025 година“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека како ново раководство ќе ја почитуваат одлуката на Комисијата и ќе ја платат казната, нагласувајќи дека „единствено слободниот пазар е основниот параметар според кој се формираат цените“.
Од ССКМ потсетуваат дека повеќе од две децении работат во интерес на компаниите, стопанството и економскиот развој, со почитување на законите и принципите на професионалност, транспарентност и независност. Организацијата истакнува дека нивната улога отсекогаш била да обезбедат поддршка, информирање и размена на добри практики, без влијание врз деловните одлуки и пазарните политики на компаниите.






