MKinformer

your daily dose of news

110.000 прекршоци за 24 часа во Скопје по пуштањето на „Safe City“, открива Тошковски

02/12/2025 13:46

Откако системот „Safe City“ беше пуштен во тест-фаза, во само едно деноноќие биле регистрирани дури 110.000 сообраќајни прекршоци на подрачјето на Скопје, информира министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Најголемиот дел од прекршоците се однесуваат на пречекорување на максимално дозволената брзина.

Тошковски нагласи дека системот сè уште се подобрува, посочувајќи:
„Не велам дека Сејф Сити е идеален, сигурно ќе има одредени елементи кои ќе мора да ги докорегираме… 110.000 прекршоци во Скопје се регистрирани во 24 часа, 5000 прекршоци за црвено светло, 90% од прекршоците се пречекорување на брзина“.

Во однос на толеранцијата за надминување на брзината, тој појасни дека допрва ќе се донесе одлука за новите граници, наведувајќи дека европските практики се различни – од нулта толеранција до дозволени 10% над ограничувањето.
„Ќе разговараме во идниот период и ќе одлучиме“, додаде министерот.

Посебен акцент беше ставен и на санкционирањето на странските возила. Тошковски појасни дека:
„Странските возила при излез од Македонија не може да бидат спречени да излезат, но ќе бидат информирани дека нема да може да влезат следниот пат ако не си ја платат казната“.

Тој откри и дека системот веќе регистрирал прекршоци и кај високи функционери:
„Знам дека во изминатиот период се казнети најмалку тројца министри… ниту ние нема да бидеме поштедени од одговорност“.

Министерот потенцира дека службените возила со полициска придружба нема да подлежат на казни, но личните возила на функционерите ќе бидат строго санкционирани според новите правила.

error: Содржината е заштитена од копирање !!