„Безбеден град“: Систем за сите или простор за институционални злоупотреби?
08/12/2025 16:05
Системот „Безбеден град“, кој моментално се наоѓа во тест-фаза и треба да стартува од 1 јануари или еден месец подоцна, засега не дозволува внесување на регистарски таблички кои би биле изземени од издавање прекршочни казни. Тоа значи дека секое возило кое ќе биде евидентирано дека ги прекршува сообраќајните правила ќе добие автоматско известување за казна.
Сепак, ова правило ќе важи само привремено. Во иднина, според најавите, регистарските таблички на возилата со првенство на минување: брза помош, противпожарни и полициски возила, ќе бидат внесени во системот, по што за нив нема да се процесираат казни, иако прекршоците ќе останат евидентирани.
„Возилата со првенство на минување ќе се евидентираат во системот и записите за нив нема да се бришат, туку ќе се чуваат во лог-менаџмент, согласно позитивните законски прописи“, изјави Маја Арсовска Манов.
Токму тука, јавноста го отвора најчувствителното прашање ДОВЕРБАТА. Односно, дали институциите имаат доволно кредибилитет и механизми кои ќе спречат можни злоупотреби на оваа опција.
Постои реален страв дека службеници со пристап до системот, по наредба или самоволно, би можеле да внесуваат регистарски таблички на возила кои немаат право на првенство, како возила на политичари, функционери, влијателни лица или блиски пријатели, со што би се избегнувале казни.
Од Министерството за внатрешни работи уверуваат дека ќе постојат контролни механизми.
„Во тек се реформи и ќе има контрола, а министерот за внатрешни работи ќе одлучи на кој начин ќе се спроведува таа контрола“, вели Арсовска Манов.
Но, токму ваквите уверувања не ја намалуваат загриженоста, особено имајќи ја предвид долгогодишната недоверба на граѓаните во институциите и честите злоупотреби и сомнежи за селективна правда.
Дополнителни реакции околу „Безбеден град“ се појавуваат и поради недоволната сообраќајна инфраструктура. На социјалните мрежи сѐ почесто се посочува дека во Скопје не функционира таканаречениот „зелен бран“, систем кој овозможува координација на семафорите за подобар проток на сообраќајот и намалување на метежот и загадувањето.
Од Град Скопје, велат дека во Сообраќајниот центар при „Улици и патишта“ моментално се работи на решение за повторно воведување на „зелениот бран“, кој би ги опфатил најфреквентните улици во главниот град, но без прецизна временска рамка „КОГА“. Оваа сообраќајна алатка во Скопје функционираше пред околу една деценија, по што целосно беше укината.






