MKinformer

your daily dose of news

Владата ја усвои иницијативата за разрешување на јавниот обвинител Љупчо Коцевски

09/12/2025 21:17

Владата на денешната 134. седница ја усвои иницијативата за разрешување на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, информираше портпаролката Марија Митева на вонредна прес-конференција. Процедурата, која беше привремено стопирана поради изборниот период, продолжува согласно законските одредби.

Митева истакна дека причините за оваа иницијатива биле јавно образложувани во повеќе наврати, а владината цел останува јакнење на правната држава и заштита на институционалниот интегритет.

Според член 88 став 1 од Законот за јавно обвинителство, а по добиено мислење од Советот на јавни обвинители, Владата му предлага на Собранието да го разреши Коцевски поради сериозни пропусти кои, како што се наведува, ја нарушиле ефикасноста и функционалноста на институцијата.

Меѓу утврдените повреди се наведуваат:

  • неовластено споделување информации и податоци од судски предмети, спротивно на законските одредби за тајност на постапките;

  • нарушување на угледот на Јавното обвинителство и на сопствениот професионален углед;

  • непостапување согласно Уставот, законите и меѓународните договори;

  • предизвикување сериозно нарушување на интегритетот и функционалноста на обвинителството, иако токму јавниот обвинител е одговорен за организацијата и работата на институцијата.

Митева нагласи дека со ваквите постапки Коцевски ја прекршил својата должност за зачувување на угледот на функцијата, како што е пропишано во член 82 од Законот за јавно обвинителство.

На крај, Владата официјално му предлага на Собранието да го разреши Љупчо Коцевски од функцијата јавен обвинител на Република Македонија.

error: Содржината е заштитена од копирање !!