Голема полициска акција во Скопје: разбиена мрежа за перење пари и лихварство
22/10/2025 13:20
Полицијата утрово спроведува обемна акција насочена кон сузбивање на организирана криминална група која се занимавала со перење пари и лихварство.
Според неофицијални информации, Министерството за внатрешни работи, преку Одделот за организиран криминал при Бирото за јавна безбедност, во координација со обвинител од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, врши претреси на повеќе од петнаесет локации низ Скопје.
Акцијата е резултат на подолга истрага со која било откриено постоење на добро организирана мрежа составена од физички лица и фирми, осомничени дека переле пари и вршеле незаконско лихварство.
Неофицијалните проценки говорат за приближно два милиона евра „црни пари“ кои биле внесувани во легалниот финансиски систем преку купување недвижен и подвижен имот.
Од МВР засега нема официјална изјава, но се очекува во текот на денот институциите да излезат со повеќе детали за акцијата и можните приведувања.






