Во терористичкиот напад загина и фудбалер од „Австралискиот ФК Вардар“, Рокдејл Илинден, клубот потврди
15/12/2025 11:41
Во терористички напад што се случи на плажата Бонди во Сиднеј, животот го загубија најмалку 16 лица, а над 40 се повредени, јавуваат австралиските власти.
Меѓу загинатите е и 27-годишниот Ден Елкајам, фудбалер на македонскиот фудбалски клуб Рокдејл Илинден, што претставува голем шок за македонската заедница во Австралија.
Од клубот со длабока тага ја потврдија трагичната вест, истакнувајќи дека Елкајам бил исклучително ценет и омилен меѓу соиграчите, како и значаен дел од тимот.
„Со огромен шок и тага информираме дека нашиот фудбалер Ден Елкајам беше жртва на страшните и бесчувствителни настани на плажата Бонди. Тој беше интегрален дел од нашиот клуб и ќе ни недостасува неизмерно“, соопштија од Рокдејл Илинден.
Според првичните информации, нападот бил извршен од татко и син, а се случил за време на јавен настан организиран по повод првиот ден од еврејскиот празник Ханука, кога на плажата имало голем број посетители.
Австралиските безбедносни служби ја продолжуваат истрагата, додека земјата е во состојба на зголемена безбедносна готовност.






