ШИЛЕГОВ ЗА НОВОТО РАКОВОДСТВО НА СДСМ: (Само)убиство со умисла, барам оставка од Венко Филипче
18/12/2025 1:33
Само 24 часа по изборот на новото раководство на СДСМ, поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, јавно побара оставка од партискиот лидер Венко Филипче.
Шилегов преку објава на Фејсбук упати остра критика кон актуелното раководство, алудирајќи на, како што напиша, „одговорност“ и „договори“ што тежат врз врвот на партијата.
„Македонското законодавство познава убиство од небрежност. Познава и убиство со умисла, но не познава (само) убиство со умисла. Или тешка ви е одговорноста? Или ви тежи договорот? Или си СДСМ или си тезгарош. Прашањата ќе ги поставиме по празниците. Да не се разводиме во меѓувреме. Нова година, Божик – ќе се заборави…“, напиша Шилегов во својата прва објава.
Неколку минути подоцна се огласи уште еднаш, појаснувајќи ја пораката поради, како што наведе, стотици повици од партиски членови и јавни личности:
„Бидејќи можеби многумина не разбраа… Да! Барам оставка на ‘претседателот’ на СДСМ“, напиша Шилегов.
Вчера Централниот одбор на СДСМ го потврди новиот состав на раководството. Јована Тренчевска и Александар Трајановски се назначени за потпретседатели, додека Александар Димитриевиќ останува генерален секретар. Љупчо Фармаковски и понатаму ќе ја извршува функцијата организациски секретар.
Овој јавен истап на Шилегов отвора нова внатрепартиска криза во СДСМ токму во момент кога партијата се обидува да испрати порака за „нова сила и нова енергија“.






One thought on “ШИЛЕГОВ ЗА НОВОТО РАКОВОДСТВО НА СДСМ: (Само)убиство со умисла, барам оставка од Венко Филипче”
Comments are closed.