Повеќето осудени од 27 април добија условен отпуст, се поднесува и барање за повторно судење
18/12/2025 20:42
Повеќето од осудените за настаните од 27 април 2017 година добија условен отпуст, откако издржаа повеќе од две третини од затворските казни, дознава МК ИНФОРМЕР од извори блиски до Уставобранителите и Кривичниот суд. Одлуките ги донел Кривичниот совет, кој оценил дека се исполнети законските услови за ваков вид ослободување.
На слобода, ден пред Новата година, треба да излезат Мунир Пепиќ, Оливер Поповски, Влатко Трајковски, Душко Лазаров, Јане Ченто, Митко Пешов, Горан Ѓошевски и Никола Митревски. Претходно условен отпуст добија Младен Додевски и Горан Ангелов – Ќосето, кои веќе го напуштија затворот.
Според информациите на МК ИНФОРМЕР, по новогодишните празници, условен отпуст се очекува да добијат и Вилијам Михајловски – Гајда и Александар Јовановски – Тошта, додека Оливер Радулов бил пуштен на условен отпуст уште пред шест месеци.
Во меѓувреме, до Кривичниот суд е доставено и барање за повторно судење, поради постоење нови докази кои, според осудените, би можеле суштински да влијаат врз исходот на постапката. Поднесувањето на вакво барање беше најавувано со години наназад, уште од почетокот на судскиот процес.
Осудените уште од стартот на постапката, по поднесеното обвинение од поранешната обвинителка Вилма Русковска, тврдеа дека одговараат за дело кое не го сториле и дека им се изречени, како што наведуваа, драконски затворски казни.
Инаку, институтот условен отпуст во македонското кривично право се смета за „круна“ на процесот на ресоцијализација и претставува награда за добро поведение за време на издржувањето на казната. По поднесување на барање, за секое осудено лице се подготвува посебен извештај, а одлуката ја носи исклучиво Судот, кој може да определи и дополнителни мерки на надзор, грижа или заштита, во согласност со законот.






