Неофицијално: Приведен Бујар Дардишта, поранешен висок функционер на ДУИ, акција против организиран криминал во Скопје и Куманово
18/12/2025 12:39
Поранешниот висок функционер на ДУИ и директор во повеќе државни институции, Бујар Дардишта, неофицијално е приведен во полициска акција што се одвивала во текот на ноќта меѓу 17 и 18 декември 2025 година, дознава Прес24 од свои извори.
Акцијата ја спровеле припадници на Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при БЈБ – МВР, во координација и под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Според првичните информации, се работи за разоткривање на организирана криминална група осомничена за коруптивни дела и економски криминал.
По претходно обезбедени судски наредби, полицијата извршила претреси на повеќе локации во Скопје и Куманово. Неофицијално, при акцијата биле пронајдени и одземени поголеми суми пари во различни валути, мобилни телефони, лаптопи, хард дискови, како и финансиска и друга документација поврзана со истрагата.
Во моментов, според извори блиски до истрагата, претреси се извршуваат и во два правни субјекти на подрачјето на Скопје и Куманово.
За случајот засега нема официјална потврда ниту од Министерството за внатрешни работи, ниту од Обвинителството за организиран криминал.
Бујар Дардишта беше директор на Управата за водење на матични книги, а подоцна и управител на едно од новоформираните претпријатија на ЕСМ за топлинска енергија што ја преземаа работата на поранешниот БЕГ. Тој во јавноста стана познат по извештајот на Државниот завод за ревизија, кој во 2019 година утврди дека под негово раководство биле издадени 21.957 погрешни изводи од матичните книги – околу 4% од вкупно издадените. Ревизијата констатираше и недостиг од 94.451 образец во повеќе градови, за кои не биле наплатени административни такси.
Името на Дардишта последен пат беше актуелно за време на собирот на УЧК во центарот на Скопје, каде што настапи како дел од организациониот одбор.






