MKinformer

your daily dose of news

Еве колкава брзина над дозволеното ќе толерира „Безбеден град“ од февруари

19/12/2025 10:26

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски очекува пратениците да ги поддржат измените на Законот за прекршоци и Кривичниот законик – последните два документа што се неопходни за официјалното стартување на системот „Безбеден град“ на 1 февруари. Како што посочи во гостување на ТВ Канал 5, системот сè уште е во пробна фаза, а неговата целосна примена зависи токму од овие законски измени.

„Законот за прекршоци е во втора фаза и бара двотретинско мнозинство, додека за измените во Кривичниот законик е потребно просто мнозинство. Очекувам пратениците да ја препознаат важноста – станува збор за животно важен проект“, изјави Тошковски.

Тој нагласи дека, доколку нема поддршка за Законот за прекршоци, официјалниот старт ќе мора да биде одложен.

Според податоците од 15-дневниот пробен период во Скопје, граѓаните веќе покажуваат поодговорно однесување во сообраќајот, а на Клиниката за трауматологија е забележано намалување од околу 20% на пациенти со тешки телесни повреди, како и пад од 15–20% на вкупниот број донесени пациенти по сообраќајни несреќи.

Тошковски уверува дека сите технички пропусти ќе бидат отстранети до февруари.

Дополнително, со подзаконски акти ќе се утврди дозволеното пречекорување на брзината, усогласено со европските стандарди – од 3 до 10 км/ч. Локациите на камерите ќе бидат јавно достапни, бидејќи целта, како што нагласи, „не е казнување, туку намалување на брзината и спасување животи“.

Ревидирани ќе бидат и сообраќајните знаци на сите локации каде што ќе бидат поставени камери, согласно важечките проекти.

error: Содржината е заштитена од копирање !!