MKinformer

your daily dose of news

(ВИДЕО) Германци меѓу патниците на Blue Origin: Првата личност со параплегија полета во вселената

20/12/2025 19:27

Двајца германски државјани во саботата учествуваа во суборбитален лет во вселената со ракетата New Shepard NS-37, на американската компанија Blue Origin, во сопственост на основачот на Amazon, Џеф Безос.

Летот, кој траеше околу 11 минути, беше реализиран од западен Тексас и беше пренесуван во живо на интернет-страниците на компанијата. Ова е 16-та мисија за вселенски туризам на Blue Origin и прва на која учествувале двајца германски патници.

Прва личност со параплегија во вселената

Меѓу патниците беше и Михаела Бентхаус, инженерка во Европската вселенска агенција (ESA) и корисничка на инвалидска количка, која со овој лет стана првата личност со параплегија што се отиснала во вселената.

Вториот германски патник е Ханс Кенигсман, поранешен вселенски инженер.

Покрај нив, во ракетата имало и четворица американски претприемачи.

Краток лет над границата на вселената

Претежно автоматизираната мисија ги однела шестемина патници на висина од околу 100 километри, над т.н. Карманова линија, каде имале и краток период на бестежинска состојба, по што капсулата безбедно се вратила на Земјата.

Критики за вселенскиот туризам

И покрај симболичкото значење на мисијата, летовите на Blue Origin и понатаму се предмет на критики. Дел од јавноста и експертите укажуваат на ограничената научна вредност, влијанието врз животната средина и елитистичкиот карактер на ваквите патувања, кои се достапни исклучиво за финансиски најмоќните.

Критичарите сметаат дека станува збор за непотребен вселенски туризам, додека поддржувачите нагласуваат дека ваквите мисии придонесуваат за технолошки развој и инклузивност во вселенските истражувања.

error: Содржината е заштитена од копирање !!