MKinformer

your daily dose of news

Катастрофална година за оризарите во Кочанско: 30% од површините неожнеани, откупот речиси непостоечки

23/12/2025 10:56

Состојбата со жетвата на оризот во кочанскиот регион годинава е крајно загрижувачка. Поради обилните дождови и доцната сеидба, околу 30 проценти од оризовите површини останале неожнеани, што сериозно ја доведува во прашање целокупната реколта.

Дополнителен проблем се и ниските откупни цени, за кои реагираат и земјоделците и земјоделските здруженија. Производителите бараат минимална откупна цена од 35 денари за ситните и 40 денари за крупните сорти оризова арпа, но во пракса, како што велат, понудените цени се речиси двојно пониски.

Еден оризопроизводител од село Спанчево вели:
„Штетите се, да не речам, 100 проценти оваа година. Со цената, со откупот и со времето.“

Земјоделец од Облешево додава:
„Гледам сега некои жнеат, ама што ќе соберат е прашање. И тоа што ќе го ожнеат нема да биде квалитетно. За жал, природата си го прави своето.“

Национална земјоделска мрежа алармира дека состојбата со откупот на оризот од реколтата 2025 е катастрофална. На средбата во Чешиново, оризопроизводителите заклучиле дека целата сезона е промашена – со задоцнета сеидба, доцнење на наводнувањето за речиси еден месец и пробиени оптимални рокови за жетва.

Во моментов, како што истакнуваат, најголем проблем е откупот и ниските цени што ги нудат откупувачите. Претседателот на Националната земјоделска мрежа, Ѓорги Каракашев, за Независен изјави:
„Сето ова резултираше со катастрофални штети по оризот, и по квалитет и по квантитет. Откуп практично и да нема, а количините што се преземени се минимални и по мизерни цени од 18 до 23 денари за килограм оризова арпа, што е далеку под производната цена, плус без утврден рок на исплата.“

Тој посочи дека во моментов тече откуп за стоковите резерви по цена од 37 денари за килограм, но со 10% одбиток и рандман од минимум 40 проценти.

Националната земјоделска мрежа остро реагира на, како што велат, злоупотребите од страна на откупувачите и непочитувањето на законските прописи, имајќи предвид дека оризот е стратешка култура. Каракашев апелира до Министерството за земјоделие, Земјоделскиот инспекторат и Агенцијата за стокови резерви итно да се вклучат во решавање на проблемот.

Оризопроизводителите бараат Министерството за земјоделие да ја исполни законската обврска и итно да утврди и јавно објави производна цена за реколтата 2025, како и да предложи одржливи решенија за откупот. Во спротивно, најавуваат користење на сите законски и демократски средства за заштита на нивната егзистенција.

По средбата со оризопроизводителите во Чешиново–Облешево, министерот за земјоделие Цветан Трипуновски соопшти дека разговарале за предизвиците и можностите за подобрување на производството, без да навлезе во детали за жетвата и откупот, истакнувајќи:
„Отворената и директна комуникација со земјоделците е клучна за да обезбедиме одржливо и конкурентно земјоделство“.

error: Содржината е заштитена од копирање !!