Запленети над 25 тони пиротехника: Уапсен и полициски службеник на наплатната станица Градско
25/12/2025 18:24
Полицијата заплени повеќе од 25 тони пиротехнички средства во рамки на координирана акција што опфати контрола на товарни возила и претрес на магацини на правно лице од Скопје, при што се уапсени две лица, меѓу кои и полициски службеник.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, вчера во 08:35 часот на наплатната станица Градско, полициски службеници од ОВР Кавадарци, во соработка со Единицата за недозволена трговија со оружје, опасни материи и радиоактивен материјал при Одделот за криминалистичка полиција, ги лишиле од слобода Н.Р. (41) и И.Р. (41), двајцата од Скопје.
При контрола на товарно возило „Пежо Боксер“ со струшки регистарски ознаки, управувано од Н.Р., а во кое сопатник бил И.Р. – полициски службеник во Полициската станица Бит Пазар, била пронајдена и одземена голема количина пиротехнички средства. За истите, лицата не поседувале никаква документација, а изјавиле дека припаѓаат на правно лице од Скопје.
Во рамки на понатамошните активности, полицијата пред магацините на истото правно лице пронашла уште едно товарно возило, целосно натоварено со пиротехника, кое било оставено и напуштено.
Денеска, по претходно обезбедена судска наредба, бил извршен претрес во магацините на правното лице, при што биле пронајдени и одземени над 25 тони пиротехнички средства.
Од МВР информираат дека Единицата за недозволена трговија со оружје и опасни материи, во координација со ОВР Кавадарци, продолжува со активности за утврдување на сите инволвирани лица. По целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава по член 396 став 7 од Кривичниот законик.



![(Фото+Видео) Голема пoлициcкa aкцијa вo тeкoт нa нoќтa: Зaплeнeтa дpoгa вo вpeднocт oд 200 илjaди eвpa - oвa ce дeтaлитe policija-mk-777x437-225346[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/policija-mk-777x437-2253461.jpg)

