Град Скопје со рекордни субвенции: 15 милиони евра за ЈСП и финансиска консолидација на јавните претпријатија
29/12/2025 17:37
Јавните претпријатија и културните установи во Скопје ќе добијат значајна финансиска поддршка преку градскиот буџет, со цел стабилизација на нивното работење и постепено намалување на акумулираните долгови. За таа намена, во Буџетот на Град Скопје за 2026 година се предвидени околу 18,5 милиони евра субвенции, од кои најголемиот дел – 15 милиони евра, се наменети за Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека станува збор за рекорден износ на поддршка што ЈСП го добило од Градот, нагласувајќи дека целта е долгорочна финансиска консолидација.
„Ветивме дека ќе го стабилизираме градскиот буџет и ќе им помогнеме на јавните претпријатија и културните установи да ги подмират обврските. Наш план е до првата половина на 2027 година значително да се намалат или целосно да се затворат долговите“, изјави Ѓорѓиевски пред Советот на Град Скопје при разгледувањето на буџетот.
Според најавите, дополнителна финансиска поддршка ќе добијат и други градски претпријатија и установи:
-
25 милиони денари за културните установи
-
60 милиони денари за „Општинска хигиена“
-
80 милиони денари за „Паркови и зеленило“
-
20 милиони денари за „Дрисла“
-
15 милиони денари за „Лајка“
-
23 милиони денари за „Патишта и улици“
И покрај тоа што ЈСП „Скопје“ со години функционира со поддршка од градската каса и речиси секоја година добива субвенции од околу 10 милиони евра, проблемите во јавниот превоз остануваат. Минатата година, претпријатието доби околу 11 милиони евра, но тоа не доведе до значително подобрување на состојбата со бројот и исправноста на автобусите.
Дополнително, ЈСП има нерешени обврски кон приватните превозници, чиј долг потекнува од претходниот мандат. Иако дел од средствата биле исплатени, превозниците сè уште побаруваат значителни суми. Воедно, најавеното вклучување на дополнителни 55 приватни автобуси во сообраќајот сè уште не е реализирано.
Автобускиот сообраќај продолжува да функционира со намален возен ред, бидејќи дел од возниот парк е надвор од употреба поради недоволно сервисирање во претходниот период. ЈСП имаше и проблеми со снабдување со гориво, поради долг кон компанијата „Пуцко Петрол“, која е избрана добавувач на дизел гориво.
Со предложените субвенции, Град Скопје очекува постепена стабилизација на јавниот превоз и подобрување на услугите за граѓаните, иако предизвиците во работењето на ЈСП и натаму остануваат сериозни.






