Мелони: ЕУ мора директно да преговара со Русија
10/01/2026 13:56
Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска изјави дека се согласува со ставот на францускиот претседател Емануел Макрон дека Европска Унија треба директно да започне преговори со Русија, доколку напорите на Соединети Американски Држави за посредување за мир во Украина не доведат до договор.
„Во тој случај мислам дека Макрон е во право. Време е ЕУ да разговара со Русија. Ако Европа одлучи да преговара само со една од двете страни, се плашам дека нејзиниот придонес ќе биде ограничен“, изјави Мелони, пренесува италијанската агенција АНСА.
Таа истакна дека клучното прашање е кој ќе ги води евентуалните преговори. Според неа, некоординиран пристап од страна на европските држави може да има спротивен ефект.
„Ако направиме грешка да ги обновиме разговорите со Русија и да дејствуваме неусогласено, ќе му направиме услуга на рускиот претседател Владимир Путин. Последното нешто што го сакам е да му помогнам“, нагласи Мелони.
Италијанската премиерка ја поддржа идејата за назначување специјален пратеник на ЕУ за Украина, кој би имал мандат да ги координира дипломатските напори на Унијата. Воедно, таа ги отфрли тврдењата дека безусловно го поддржува американскиот претседател Доналд Трамп.
„Не се согласувам со Трамп за многу прашања. Меѓународното право мора да се почитува, затоа што неговото прекршување ги прави сите поранливи. Кога не се согласувам со него, тоа јасно му го кажувам“, изјави Мелони на годишната прес-конференција.
Осврнувајќи се на односите во рамки на НАТО, таа порача дека нејзината цел е зајакнување, а не влошување на сојузништвото.
„Барам напредок, а не назадување, во односите со нашите сојузници“, истакна италијанската премиерка.






