Скијач врзан за автомобил „летал“ по булевар во Сараево
10/01/2026 10:08
Необична и опасна сцена беше снимена пред неколку дена во Сараево, каде млад човек на скии, врзан за автомобил, се движел со голема брзина по главен булевар, притоа престигнувајќи други возила во сообраќајот.
Од полицијата потврдија дека станува збор за сериозно нарушување на безбедноста во сообраќајот, со кое биле загрозени и скијачот и останатите учесници. За опасниот потег му е изречена парична казна од 400 конвертибилни марки, а санкциониран бил и возачот на автомобилот.
Прикажи ову објаву у апликацији Instagram
По настанот, скијачот се огласи со објава на Инстаграм, во која се обиде да ги демантира тврдењата дека го забавувал сообраќајот. Тој наведе дека, според него, движењето било контролирано и дека благодарение на долгогодишното професионално скијачко искуство бил свесен за своите граници.
„Да, беше опасно. Но од моја перспектива, не. Ова не беше лудост, туку контролиран потег од искуство. Целта никогаш не беше внимание или социјални мрежи, туку исполнување на детски сон, еднаш во животот“, наведе тој во објавата, која ја пренесе и портал Кликс.
Тој додаде дека и тој и возачот ја прифатиле казната и порачал дека ваков потег нема да се повтори.
„Ја научивме лекцијата. Ова беше претстава што се прави еднаш и никогаш повеќе. Не препорачуваме никому да го проба истото“, истакна тој.
Иако случајот привлече големо внимание на социјалните мрежи, надлежните институции потсетија дека ваквите активности претставуваат сериозен ризик и апелираа до граѓаните да не ги загрозуваат сопствените животи и безбедноста на другите во сообраќајот.






